КОГА ЌЕ ДОЈДЕ ВАВИЛОН
Татко ми сади шума
татко ми чешла лозје.
Тој никогаш не спие
оти сака да знае
кога ќе дојде Вавилон.
Додека се откажува од земјата,
прегрнува облак и преостанат звук.
Тој знаеше, тој беше
мојата кула, мојата вера.
Татко ми ги поедноставува ѕвездите,
татко ми ја смислува далечината.
Тој засекогаш сонува
оти не може да знае
како ќе дојде Отецот.
ВИСТИНА
Ако имаш што да кажеш, кажи го тивко,
да те чујат само мравките
и луѓето под земја.
Тие знаат да чуваат тајна
и вистината им е важна,
поважна од животот.
(Од поетската збирка „Ноќни луѓе“ во издание на ПНВ Публикации, Скопје, 2021)
Препев од хрватски јазик: Владимир Мартиновски