И после 26 јули
Зошто се будам од првата дремка
со размирено срце
од пискотниците засмеани
на младоста уште неприбрана дома?
Кој ми ги полни ушите
со крикови злодобни
на далечни птици
застанати на сртот на ноќта?
Од каде ми навеваат
тревожни лаежи на кучиња скитници
и шушкања на инсекти злокобни
во крошната на сонот?
Нели јули помина?
Роман
Никогаш нема да го напишам
Ќе си го чувам докрај во мене
Да ми расте во пазувите
да разлистува и да вишнее
да пушта пупки
да дрочи и зрее плодови
Самата ќе си ги истрадам
судбините на сите мои херои –
помирена дека не им се доаѓа
во овој полуден свет
од кој уплашено се кријат
во матката на зборовите
Најлошото (за еден поет)
Бев принудена да живеам без нив
поради поприземни работи
тешко газејќи ја земјата
станата црно под ноктите
Што полошо од тоа може да му се случи
на еден поет си мислев јадосано
со ненаспани очи испраќајќи ги
умрените делови од мојата сина душа
Гинеа секој ден по малку
попарени од раните есенски слани:
ветувањата однесени со првите ветрушки
заборавените приказни и стихови
што не успеваа да го испреварат времето
неразбраните соништа извалкани со прав и пот
згазени во кал
Сочувствено ме гледаа
ликовите од реалистичните романи
Потсмешливо се кикотеа зад ладалата
романтичните хероињи
Само Мартин Идн ми ја разбираше болката
зашто знаеше: за некого животот
е можеби полесен без нив, но нам
ништо поболно од тоа не може да ни се случи
Денес
по толку години
додека светот околу нас се рони
како крилца на мртва пеперуга
пак се гледаме со тажни очи
седнати со Мартин Идн
пред распуканите простори
и водите што рикаат во нас
разбивајќи се на нашите брегови
И молкома си кажуваме
дека имало и поголеми болки
и подлабоки рани
што само океаните
можат да ги поклопат
(Не)моќта на зборот
По кратко договарање нова лекторска работа
ги пикам хартиите в чанта и свртувам
по уличето што ме дели од постојката
Женска, колку е часот?
Со крајчето на окото што ѕирка над маската
здогледувам развеани коси со побелен корен
кои пекаат за ножици
два-три црни заба
колку за украс на кокалестото лице
и трипати по толку брчки
што ги наддаваат годините
Мила, убави работи те чекаат!
Не сум од тие што чекаат, сакам да ѝ кажам
јас сама си ги засукувам ракавите
Но знам дека човек не треба да си фаќа работа
со уличните гатачки што годиниве
ептен се намножија
Застани, душо да ти кажувам!
Зар има нешто некажано сестро
Освен она што не може да се опфати
дури ни со моќта на зборовите
Ова лудило недогледно што тлее наоколу и
длаби
длаби
во пристанот
да направи процеп
да влезе во нас
да нѐ разјаде.